Animal spirit: Како човечката психологија ја движи економијата…

scan00013

Прилог кон книгата:”Животински дух (animal spirit): Како човечката психологија ја движи економијата и зошто е тоа битно за глобалниот капитализам ” од Џорџ Акерлоф и Роберт Шилер

Во напливот на растечката популарност на бихејвиоралната економија ова е најновата книга која произлегува од едно поинакво гледање за тоа како може да се опише економијата. Акерлоф, нобеловецот на Универзитетот Беркли и творец на теоријата за асиметрична информација во процесите на преговарање и Шилер, од Универзитетот Јеил во неа илустрираат неколку различни аспекти на психологијата и анализираат како истите влијаат врз економските одлуки. Водечка теза во книгата е дека во модерната економска теорија постои потценување на улогата на феномените на психологијата како што се: довербата, правичноста, корупцијата, паричната илузија и склоноста кон едноставни приказни. На пр. етимолошки ‘кредит’ потекнува од латинскиот ‘credo’, што значи ‘верувам’. И не е ни чудо што кредитната криза се разбира и како криза на довербата. Оттаму авторите кои ја објавија книгата во време кога луѓето во многу го преиспитуваат нивното гледање на економијата објаснуваат зошто игнорирањето за тоа како функционира економијата од овој аспект води до сегашната состојба во светската економија, со пад на кредитните пазари и закана за колапс на реалната економија.

Ортодоксната економска теорија претпоставува дека луѓето низ бројните трансакции кои ја обликуваат економијата се пред сé рационални, широко информирани и без емоции. Но оваа теорија потфрли во тоа да ја предвиди сегашната криза. Односно малку успева да ја објасни еуфоријата следена од песимизам, а која се рефлектира низ големи амплитуди во економијата, нејзин огромен раст и нагло паѓање, поточно преголема доверба следена од преголем пад во довербата. Оној елемент кој недостасува во моделите на економистите е всушност тој животински дух (animal spirit). Луѓето некогаш се ирационални, кусогледи, или злобни. Некогаш делуваат само за да делуваат. Некогаш имаат неекономски мотиви за делување, како што се чест, правичност, фер настап. Џон Мајнард Кејнз бил прв во економијата кој упатува на овие феномени кои влијаат врз одлуките на актерите во економијата. Според Кејнз деловните одлуки не секогаш се така рационални како што диктира базичната економската теорија. Во модерната економија, наспроти базичното значење за ‘spiritus animalis’ како основна ментална енергија и животна снага, овој термин добил нешто поинакво значење. Тој сега е економски термин кој се однесува на нетрпеливиот и неконзистентен елемент во економијата. Односно, упатува на нашиот необичен однос со нејасноста и двосмисленоста или несигурноста. Понекогаш сме парализирани од тоа. Во други случаи тој повторно носи свежина и дава снага и води кон надминување на стравовите и кусокот на одлучност. Така и авторите Акерлоф и Шилер го препознаваат значењето на овие феномени и наместо да ги подметнуваат под тепих ги поставуваат на одредено средишно место во својот концепт.

Тие се обраќаат кон креаторите на економските политики и регулативи и гледаат излез од глобалната криза низ институциите на државата. Понатаму, тие упатуваат на неопходност од потребата за препознавање дека капитализмот мора да живее со одредени правила. Односно, сеопфатното гледање на економијата со сите животински духови одредува зошто државата е таа која мора да ги постави овие правила. Во класичната економска теорија постои целосна вработеност. Но во гледањето на Акерлоф и Шилер брановите на оптимизам и песимизам предизвикуваат широки амплитуди на промени во побарувачката. Бидејќи платите најмногу се определуваат врз основа на принципот на правичност, промените во смисла на пад на побарувачката не предизвикуваат пад на платите, ами пораст на невработеноста. Според Акерлоф и Шилер улога на државата е да ги амортизира овие промени. Во понатамошната анализа, според авторите, капитализмот не им продава на своите граѓани она што навистина тие сакаат, туку им продава она што тие мислат дека сакаат, односно си дозволуваат да купуваат нешта кои не можат да си го дозволат. Рефлектирано на финансиските пазари ова предизвикува неумереност и банкротства кои водат до општ пад на економијата. А ваквите процеси се управувани од едноставни приказни. Приказни кои луѓето си ги раскажуваат меѓу себе, за себе, за тоа како другите се однесуваат и дури како економијата во целост влијае на нивното однесување. Овие приказни не се стабилни и се менливи по однос на време. Тоа е место каде државата треба да одигра суштествена улога, односно да ги постави условите во кои човековите животински духови може креативно да се ожнеат во служба на повисоки цели.

Авторите се обраќаат како на економската, но и на широката публика и се обидувaaт да дадат одговор на прашањето како функционира економијата. Точното и прецизно гледање на економијата е неопходно на лично ниво сé со цел да се донесат правилни индивидуални одлуки – за тоа колку да заштедиме, колку и каде да инвестираме, која куќа, односно автомобил да го купиме. Од друга страна јасното и прецизно гледање за тоа како економијата функционира е далеку посуштествено кога се носат јавни одлуки.

Во време кога луѓето итно трагаат по одговори на многу прашања врзани за глобалната економска криза Animal Spirits нуди насоки за преобраќање на финансиската неволја која денес нé обзема. Тоа е четиво кое ги учи лидерите на тоа како може да го канализираат анималниот дух – моќниот двигател на човековата психологија кои се случуваат во светската економија како во минатото, така и денес.

Тереза Серафимова, консултант за човечки ресурси, психијатар