BLOG

1

Јапонија - три недели пота

Катастрофалниот земјотрес и од него предизвиканиот висок бран кој го збриша брегот на североисточна Јапонија веќе трета недела го мобилизира светот за помош на настраданите. Иако снажно е чувството на емпатија заради човечките загуби и страдањето на преживеаните, кои без прекин се соочуваат со бројни предизвици, сепак не помалку моќно е чувството на восхит кое го побудува нацијата која манифестира единствен херојски и достоинствен начин на однесување и справување со криза.

Дисциплина и строга работна етика во услови на криза

Нацијата на Јапонија носи вредности на строг морален кодекс и белези на извонредно издржлив и цврст дух. Таа повторно го воодушеви светот со своето однесување во и околу оваа последна криза. Не само што изостана вообичаениот наплив на агресивно поведение меѓу луѓето, пораст на криминал и профитерство, кои се неминовни во услови на елементарни непогоди, во Јапонија се случува спротивното. Овие три недели фасцинира несебичноста на нацијата. Бројни се примерите на меѓусебна помош во заедницата: од намалувањето на цените на производите во малопродажбата веднаш по катастрофата, со цел што повеќе корисници да стигнат до потребните производи, до бројните волонтери на сите возрасти кои самоиницијативно, се најдоа во најпогодените области да поделат основни намирници на настраданите и спасувачите. Ги гледаме и младите луѓе кои со цел да дадат придонес волонтираат со својата работа и чекаат во ред за да им биде одобрено да работат во прифатилиштата. Тие предводат со пример и водат кампања за намалување на потрошувачката за енергија во непогодените делови од земјата. Или пак, веднаш се враќаат во работното секојдневие, иако условите се далеку од редовните. Напротив, во крајно вонредни услови, само пар денови по катастрофалниот удар на земјотресот и цунами, ги видовме учениците на погодените области како дисциплинирано се вратија во училишните клупи, иако без огрев или електрика во снежни денови.

Национална култура на моќ за одржување фокус

Во овие три мачни недели меѓу нацијата изостанува дефокусирање од различна природа. На пример, дефокусирање низ меѓусебни обвинувања. Се чини дека околу оваа катастрофа во Јапонија поедини институции понудија прилично простор за обвинување. Од некогаш донесената одлука да се градат нуклеарни енергетски централи на така вулнерабилен терен, до сегашните поводи кои ги дава корпорацијата која стопанисува со оштетената нуклеарна централа: да не обезбеди соодветна заштитна опрема за вработените кои херојски волонтираа изложувајќи се на висок степен на радијација со цел да ги отстранат дефектите, да биде нетранспарентна, или пак неодамнешната грешна објава за нивото на радијација во околината. Но, и покрај ова, нацијата на Јапонија е единствена и одржува фокус на справување со последиците од катастрофата, заради што повторно заслужува достојна висока почит и восхит.

Кризата како катализатор

Иако дел од повозрасните Јапонци толкуваат дека настанувањето на катастрофата е ‘божја одмазда за ексцесите на конзумеризам меѓу младите’, доскоро втората светска економска сила погодена од досега најскапата криза која светот воопшто ја видел, никако не потпадна во очај. Напротив, тие без прекин и храбро се борат со сите предизвици кои ги носи секој нов ден, постојани земјотреси, опасност од нови цунами, радиоактивно загадување кое се зголемува. Гледаме млади луѓе кои никако не се резигнирани, тие напротив се енергизирани: ги носат своите вештини, време и пари за помош на погодените. ВО тој правец и лидерите на разни нивоа во земјата упатуваат и гледаат на кризата како катализатор кој ќе го смени правецот и ќе предизвика пресврт на долгогодишниот надолен тренд на земјата.

2

Чудесна мотивациска драма

Минатата среда светот беше сведок на среќниот епилог и ја прослави победата над големата несреќа на вработените во рудникот во Чиле, која прерасна во една од најпозитивните драми кои светот глобално ги проследил.
Бројни гранки во науката, како организациското однесување, индустриската и организациска психологија, теоријата за управување, од сега ќе учат на овој моќен пример на извонредно тимско организирање во услови на екстремна криза.

А што всушност се случи?

Во центарот на оваа драма се најдоа 33 храбри рудари, сега национални херои, кои го стекнаа овој статус по првите 17 дена поминати на 700 метри под земја, а без никаков контакт со надземниот свет. За вкупно време од 69 дена под земја тие беа организирани во еден тип на „подземна заедница“ налик на деловна организациска формација, каде изградија извонреден тим кој финално ја оствари својата најбитна цел – битката за животот. Секој поединечно, сам за себе, никако не би ја преживеал оваа драма надвор од овој победоносен тим.

Овој тип на организирање е познат принцип на справување со тешки и вонредни услови, чија цел е поединците да го сочуваат фокусот на активностите кои се од витално значење, наспроти погрешните фокуси на симптомите, болестите, конфликтите, или немирот, возбудата кои може да креираат паника. Ги поделија улогите на лидер, раководител со храна, портпарол, итн. Лидерот Луис Урзуа му покажа на светот што значи ефективно лидерство и го подготви својот тим на долготрајна мисија – дека акцијата за спасување е долготрајна и може да трае два, три, но и четири месеци. Тимот поседуваше и свесност за тоа дека организацијата има свои светли моменти, но и падови и кризи, па сите проблеми од овој тип на некој начин беа подготвени да ги пресретнат.

Најбитните од сите фактори кои работеа во нивна полза беа емотивните, оние кои го одржуваа нивниот морал, а тоа беа контактите со семејствата и најблиските кои непрекинато им ја поттикнуваа надежта / борбеноста за спасување.
Организиран беше дури и пренос во живо од натпреварот на националниот фудбалски тим, со истата цел. И на крајот на денот не беше важно дека Чиле изгуби во натпреварот со Украина. Битно беше емотивниот набој на рударите да се држи на соодветно ниво!

Што и кој стоеше во позадината на сета драма?

Иако не е едноставно да се даде одговор на ова прашање, овој одговор може да се сведе на пар најсуштински фактори кои беа пресудни за позитивниот исход, а тоа се пред сé ефективното лидерство на повеќе нивоа и многу емотивна поддршка. Во позадината беа:

  • Бројни и координирани тимови на експерти и извршители кои најсовршено го одработија глобалниот проект, направија извонреден план за спасување, истиот го спроведоа од копање тунели, конструкција на дигалки и сл. до носење тешки одлуки. Се создаде глобален тим кој во синергија работеше на сериозниот предизвик во битка за ослободување на рударите. Значаен дел од овој проект беше и тимот на научници и психолози од НАСА кои постојано ги поучуваше и им даваше психолошки совети на рудниците за тоа како да се справат со емотивните, но и мноштвото физички страдања.
  • Посветени членови на семејствата и најблиските, кои и покрај менталитетот на нацијата (склоност кон театрално однесување) направија пресврт во своето однесување во силно конструктивно и дисциплинирано однесување, организирано, со снажен и победнички дух. Од една нација која лесно може да западне во колективна паника, ефективносто лидерство го извлече најдоброто, најпобедоносното, најздравото. Тие, најблиските, постојано беа присутни да даваат безусловна поддршка на своите загрозени членови во сите моменти на криза.
  • И на крајот, или на почетокот, државата Чиле, предводена од ефективното лидерство на претседателот Себастијан Пинера.

Што претстои?

Драмата заврши среќно, но, како и секогаш, претстои многу за работа понатаму. За рударите започнува нова долготрајна битка за опоравување, справување, соочување и прилагодување на реалниот надземен живот после моќната и долготрајна траума. На ниво на лидерство пак продолжува работата пред сé на утврдување на причините за несреќата и учењето на лекцијата од оваа драма која до сега се пресметува на цена од околу 20 милиони долари. Повторно се упати на нужноста од воспоставување и негување култура на безбедност на работните места на сите нивоа.

Човештвото како глобален победник

Чиле овие месеци, особено по позитивниот исход од средата, ги привлече очите на светот. Во оваа земја целата нација ја живее националната гордост. И навистина, Чилеанците имаат со што да се гордеат! Ни пружија верба во силата на човекот, на луѓето и на добрата организација. По овој настан перцепцијата за Чиле глобално се смени. Тие самите велат: „Додека до сега бевме познати како `земјата на Пиноче`, од сега ќе бидеме познати по успешното справување со оваа најневеројатна криза“.
За сите нас пак кои бевме набљудувачи на оваа чудесна драма и сочувствувавме со непосредните актери, овој настан претставува една нова верба во човекот, верба во успешноста на глобалните проекти и глобализацијата и еден нов оптимизам.

Кој е победник во оваа чудесна мотивациска драма? Тоа секако не се само рударите и нивните семејства. Тоа не е ни само државата Чиле. Тоа е победа на човештвото. И да се надеваме дека ја научивме лекцијата дека не мора да имаме поттик од вака екстремни услови за да покажеме дека се можни и потребни нови иновативни и креативни глобални проекти со развојни цели врз одржлива вредност. А кога станува збор за луѓето, потребни се проекти кои ќе вклучат диверзни поединци и групи и ќе го ослободат најдоброто од нив.

Тереза Серафимова, ААГ Комуникации