Alternative content

Banner

Лидерството влијае на финансиските перформанси

Лидерството не е мода, ниту каприц во областа на човечките ресурси. Тоа влијае и е во право-пропорционален однос со профитабилноста на организациите, е заклучокот од меѓународната конференција на дистрибутери на Хоган Ассессмент Системс (системи за проценка на личност за деловна употреба).
 
И навистина, компаниите кои користат добри практики се токму најпрофитабилните. Тие се попродуктивни, поголеми, растат побргу, имаат повисока стапка на преживување. А дали ќе се применуваат добрите практики, или не, е детерминирано од високиот менаџмент. Односно од неговиот лидерски капацитет. Една од дефинициите за лидерството како способност да се заврши работата преку ангажирање други луѓе, пред сé значи способност да се изгради и сочува тим. А тимот е тој кој хармонично и со заложба вредно ќе работи на тоа да ги реализира поставените цели кои заеднички ги утврдил, односно пред сé правилно ги поставил. Тимот е тој кој ќе го одработи и најбитното за инвеститорите - ПНИ (повратокот на инвестициите).
 
Како да изградите добар лидер и какви практики на човечки ресурси да воспоставите со цел да го развиете и постојано унапредувате доброто и ефективно лидерство на сите нивоа во организацијата, беше една од главните теми на оваа конференција.
 
Колкава е цената од лошото раководење?
 
Лошото лидерство е трошок во смисол на загубени можности, отуѓени подредени, и деградација / нарушена репутација на брендови. За илустрација на овој проблем НИОСХ (националниот институт за безбедност и здравје при работа на САД) известува за број од 40-тина проценти од вработените кои сметаат дека нивните работни места се “исклучително стресни“. Таа перцепција е условена од средината која ја градат, пред сé, непосредните раководители. Преведете го тоа во цена за лекување, изгубени работни денови, намалена продуктивност заради пад на мотивација на вработените.
 
Кога лидерите потфрлуваат инвеститорите губат пари. Кога лидерите потфрлуваат вработените губат работа. Во такви услови настанува потрес на пошироката економија. Се губи довербата во институциите. Свежи се примерите, но од нив треба да се научи лекцијата, на Карли Фиорина од ХП, која во време на нејзиното директорување изгуби половина од вредноста на акциите на ХП. Џон Акерс од ИБМ кој парализиран од својата неодлучност, во време кога светот се движеше далеку кон персонално компјутеризирање тој беше застанат во мејнфреим ерата и ја чинеше компанијата 4.97 милијарди САД долари. Примерот на Ричард Фулд од Лиман Брадерс со неговата веќе пословична неумерена склоност кон преземање ризици, ја заслужи титулата на „одговорен“ за најголемото банкротство во историјата на САД. Роџер Смит презема реорганизација на Џенерал Моторс, но таа беше окарактеризирана како катастрофа и предизвика долготраен празен ôд на компанијата. Стен О’Нил од Мерил Линч, со ризичните вложувања го направи најголемиот долг за компанијата наназад 93 години.
 
Добра вест - Развој на лидерството може да се негува
 
Добра е веста дека постои начин како да се работи стратегиски на развој на лидерството. Проценката на личноста е клуч да не ги вработите, или да не ги унапредите луѓето кои немаат капацитет да бидат лидери. Проценката на личноста помага подобро да ги распоредите луѓето кои веќе сте ги вработиле. Односно, таа е основа за тоа како да ги советувате и правилно развивате оние за кои сметате дека погрешно сте ги вработиле на работно место кое не одговара на нивниот профил, капацитет и интереси. Методологијата опфаќа проценка, задолжителен фидбек, градење свесност низ посочување на саканото однесување кое треба да се негува. Краен резултат е насочување на промените во организацијата во правец на постојано подобрување на репутацијата.
 
Професионалците што се занимаваат со човечки ресурси, со користење алатки за проценка на личност, знаат и умеат да ги идентификуваат добрите раководители. Најдобра одлука за вработување и начин за да се одбере што подобар раководител е да се надополнат податоците за стручноста, искуството и знаењето на раководителот со податоци добиени од проценка на личноста. На тој начин се прават подобри одлуки за вработување, односно, за реализирање на потенцијалот на оние кои веќе се вработени.
 
Најдобра одлика на добрите организации, која остварува добри резултати и има добра репутација, е квалитетот на лидерите, се разбира првенствено тој на врвот, но и тимот кој тој го води. Токму затоа, оценувањето и развивањето на лидерите во организацијата е онаа единствена компонента која може да ја направи значајната разлика во организацијата: ќе се развива одличност во организацијата со личноста која се бира за лидер или ќе се западне во просечност, потфрлување во резултатите и во угледот на организацијата.
 
Тереза Серафимова, ААГ Комуникации

Анкета

Планирате ли воспоставување/зајакнување на Систем за мерење учинок во вашата организација (pay for performance)?:

Архива