Катастрофалниот земјотрес и од него предизвиканиот висок бран кој го збриша брегот на североисточна Јапонија веќе трета недела го мобилизира светот за помош на настраданите. Иако снажно е чувството на емпатија заради човечките загуби и страдањето на преживеаните, кои без прекин се соочуваат со бројни предизвици, сепак не помалку моќно е чувството на восхит кое го побудува нацијата која манифестира единствен херојски и достоинствен начин на однесување и справување со криза.
Дисциплина и строга работна етика во услови на криза
Нацијата на Јапонија носи вредности на строг морален кодекс и белези на извонредно издржлив и цврст дух. Таа повторно го воодушеви светот со своето однесување во и околу оваа последна криза. Не само што изостана вообичаениот наплив на агресивно поведение меѓу луѓето, пораст на криминал и профитерство, кои се неминовни во услови на елементарни непогоди, во Јапонија се случува спротивното. Овие три недели фасцинира несебичноста на нацијата. Бројни се примерите на меѓусебна помош во заедницата: од намалувањето на цените на производите во малопродажбата веднаш по катастрофата, со цел што повеќе корисници да стигнат до потребните производи, до бројните волонтери на сите возрасти кои самоиницијативно, се најдоа во најпогодените области да поделат основни намирници на настраданите и спасувачите. Ги гледаме и младите луѓе кои со цел да дадат придонес волонтираат со својата работа и чекаат во ред за да им биде одобрено да работат во прифатилиштата. Тие предводат со пример и водат кампања за намалување на потрошувачката за енергија во непогодените делови од земјата. Или пак, веднаш се враќаат во работното секојдневие, иако условите се далеку од редовните. Напротив, во крајно вонредни услови, само пар денови по катастрофалниот удар на земјотресот и цунами, ги видовме учениците на погодените области како дисциплинирано се вратија во училишните клупи, иако без огрев или електрика во снежни денови.
Национална култура на моќ за одржување фокус
Во овие три мачни недели меѓу нацијата изостанува дефокусирање од различна природа. На пример, дефокусирање низ меѓусебни обвинувања. Се чини дека околу оваа катастрофа во Јапонија поедини институции понудија прилично простор за обвинување. Од некогаш донесената одлука да се градат нуклеарни енергетски централи на така вулнерабилен терен, до сегашните поводи кои ги дава корпорацијата која стопанисува со оштетената нуклеарна централа: да не обезбеди соодветна заштитна опрема за вработените кои херојски волонтираа изложувајќи се на висок степен на радијација со цел да ги отстранат дефектите, да биде нетранспарентна, или пак неодамнешната грешна објава за нивото на радијација во околината. Но, и покрај ова, нацијата на Јапонија е единствена и одржува фокус на справување со последиците од катастрофата, заради што повторно заслужува достојна висока почит и восхит.
Кризата како катализатор
Иако дел од повозрасните Јапонци толкуваат дека настанувањето на катастрофата е ‘божја одмазда за ексцесите на конзумеризам меѓу младите’, доскоро втората светска економска сила погодена од досега најскапата криза која светот воопшто ја видел, никако не потпадна во очај. Напротив, тие без прекин и храбро се борат со сите предизвици кои ги носи секој нов ден, постојани земјотреси, опасност од нови цунами, радиоактивно загадување кое се зголемува. Гледаме млади луѓе кои никако не се резигнирани, тие напротив се енергизирани: ги носат своите вештини, време и пари за помош на погодените. ВО тој правец и лидерите на разни нивоа во земјата упатуваат и гледаат на кризата како катализатор кој ќе го смени правецот и ќе предизвика пресврт на долгогодишниот надолен тренд на земјата.